Охрид, средиште и крстопат на овој дел од Балканот, во својата многувековна историја дал бројни бележити луѓе, во разни области
од животот. Нивниот придонес ги надминал и локалните рамки , па дури некои со своите дела, се вградиле во историјата и во светското културно наследство.
Но, има и такви , кои дошле од далеку , токму во Охрид и сиот свој живот го вградиле во решавањето, надминувањето и подобрувањето на севкупниот живот во Охрид и пошироката околија. -Јас не учев и не дојдов тука за да печалам , ами да лекувам болни , да бидам од полза за народот.... која повеќе од педесет години работеше како лекар во овој наш крај и остави неизбришливи траги зад себе, и се вброи меѓу основоположниците на современото здравство во Охридскиот крај, во нашата земја, а и на пошироките балкански простори.
Тука, меѓу нас , д-р Хелена Етингер - Каваева, исклучителна жена хуманист, дојде пред повеќе од осумдесет години, од далечната Русија, придружувајќи го својот сопруг, истотака доктор Владо Кавај, напуштајќи високи општествени позиции и блескава кариераи двајцата, за да бидат од полза на обичниот човек.
Не постои повозрасен жител на Охрид кој не се сеќава или барем не чул за докторката Каваева, првата жена лекар во нашиот град и пошироко, која речиси сиот свој работен век до највозрасните дни го минала тука, помагајќи и дење и ноќе секому кому му била потребна лекарска помош, без разлика на народност, вера ....и материјална состојба.
Д- р Каваева со енергичен глас , но сепак пријатен за слушање, кажува :
-На мажот ми Владо му било пишано како на Мојсеј ...Како што Мојсеј ги изведе синовите на Израел од Египет преку Црвеното Море , така од Владо се бараше , го молеа и преколнуваа ... да ги изведе балканските словени кои по случај или со некаква намера се нашле во Русија и тука ги затекнала Октомвриската Револуција и Татковинската војна....И успеа во тоа !
- Јас сум родена во Ченстохова , денешна Полска , од родители
Јузеф и Регина Етингер . Татко ми беше инженер по хемија и шумарство, инаку фабрикант , сопственик на фабрики за хартија.....ама јас дел од детсвото и младешките години ги минав на учење во Швајцарија .
Брат ми Адам , повозрасен од мене , уште во студенстките дни се занимавал со напредни револуционерни активности , па уште во почетокот на векот (дваесеттиот век, б.м) беше протеран од родниот крај , од страна на тогашните руски власти и тој замина во Берн , таму студираше а подоцна стана професор на Правниот факултет . Јас преку летото , уште од најмали нозе го посетував неговото семејство , а подоцна во Берн се школував .
Во 1910 преминавме во Берлин , за да сме поблиску до родниот крај...
Јас запишав студии по медицина, а кон крајот на 1913 ја одбранив и докторската дисертација . Отидов во Санкт Петерсбург да полагам државен испит за да можам да работам низ Русија, како државјанин руски , па пак назад во Берлин , кадешто нė затекна и почетокот на Првата Светска војна . Беше страшно .
Период на мобилизација , јас без работа , брат ми и снаа ми со мали професорски плати , границите се затворија - материјалната помош од татко ни' не пристига....стана просто невозможен животот за руски емигранти...
Со помош на пријатели сė се надминува - најдов работа како придружничка доктор на еден руски генерал во поодминати години . Тој бил затечен на бањско лекување во околината на Берлин , а како кум на царот Николај Романов , бил трампан за германски високи офицери ли , генерали...
И јас тргнувам со него... почеток на јануари 1915 преку Балтикот,
па Шведска , замрзнатата Финска ...и накрај во Петроград , односно се уште тогаш беше Санкт Петерсбург. Таму, пак без работа . Талкам , лутам две недели ....само на вода топла и сув лебец .
Конечно работа - на струката , лекар во 169 Воена болница...`
И токму таму во тоа време невреме се запознава со Владо Кавај, инаку нејзин претпоставен доктор, кој зад себе иако млад, имал мошне интересна животна историја.
D-r Владимир Кавај бил роден во 1889 година во Охрид, како втора рожба на Фросина од Аљчета Пенда и стружанецот Јаким Кавај, од познат попски сој чиј татко попа Јосиф Кавај бил набиен на кол од тогашните злодејци
во с. Радожџа!
Владо од мал бил склон кон учењето, но заради ограничените семејни материјални можности многу тешко можел да ја оствари својата неизмерна желба па превзел мошне ризичен чекор и на десетгодишна возраст, и покрај волкјата на така си, но сепак со егов благослов и една бела меџидија добиена од мајка си, тргнува низ белиот свет приклучувајќи се кон еден карван тргнат од Елбасан, преку Охрид и Битола со крајна цел Цариград. Патешествието му завршува во Битола. Во еден ан покрај Драгоро, се главил како прислужник- мијач на садови, вари кафе...и учел !
И така , тука останува речиси година и половина, па го продолжува патот за Солун. Таму, по случај на околности го сретнува Јане Сандански, кој го поведува со себе си во Неврокоп, за подоцна да му препорача на егзархот Јосиф умното момче да го испрати на учење за духовник во цариградската семинарија. Бистро момче, лесно се снаоѓал во изучување на јазиците, станува полиглот и преведувач...и жнеел успеси како за време на школувањето во Охрид и Битола, и тука бидува првенец на семинаријата и за награда го упатуваат во Света Гора. Монашкиот живот не одговарал на неговиот љубопитен дух, па некако успева да запише студии по медицина во Бејрут, каде заминува заедно со Лев Огненов на Американскиот медицински институт. Но и тука немал среќа, по две години Американците го затвораат институтот па Владо Кавај решен да ги заврши медицинските науки, му пишпува на својот пријател Сава Чукалов да му се најде во Петроград. Таму се запишува на Военомедицинската академија, која со успех ја завршува и добива работа во 169 петроградска болница!
`- И таму ли го запозна нашиот Владо Кавај , роден во Охрид ?
- Да , тоа беше 1916 година , почетокот... Дојде како млад доктор
во истата болница . И тој зад себе имаше долго патешествие. Кинисал како момченце од родниот крај , стигнал дури во Стамбол , за да започне студии медицински во Бејрут и истите да ги доврши во Санкт Петерсбург . Работевме заедно , симпатија се роди... формиравме семејство во време - невреме .
- Не' зафати најпрвин женската револуција во февруари седумнаесеттата , па доаѓањето на Ленин и Октомвриската Револуција.... а со Ленин бевме пријатели уште од Швајцарија, беше чест гостин во домот на брат ми Адам, како што беше обичај и за поголем број словенски студенти . Доаѓаше од Цирих и држеше предавања на сите студенти словени во Берн... остануваше кај нас на неделните ручеци , имаше навика мене да ме вика малиот бунтовник !
-И така со Ленин повторно се видовме по цели осум години....воопшто многу убави спомени имам за Ленин - ретко скромен , голем, ретко голем хуманист ! Што не можам да речам за оној ѕвер од човек , Сталин . Сигурно ќе не' спастреше !`
Д-р Хелена Етингер - Каваева ги врти албумите , покажува слики од тоа време со Ленин, Плеханов ....Џон Рид !
-Страшно време беше , немаштија, беда сеопшта, глад ....иделизам!
Па следуваа борби на фронтот , ранети безброј , со денови и ноќи неспиење...
И така минуваат седмици, месеци .... Истоштеност непојмлива , до последниот дамар .
А имаше и недоразбирања - наши пријатели страдаа, беа обвинувани ...и некој требаше да ги застапува пред властите . Кој !? Петиција од 5.000 потписи бара Владо мој да биде конзул за сите Јужни Словени , море за сите Балканци ...и грци и сите .
Ленин се сложи - Владо нема каде .
-Владо да нė извлечи како Мојсеј Евреите - запнаа , а ние , малку ли
ни беа нашите лекарски обврски.....ама и Владо како да го влечи носталгија , родниот крај .
-Истоштени до немајкаде бараме излез . А како ќе излезеш од тогашна Советска Русија која нема односи со никого , парите советски никој не ги признава...
Пак Ленин помогна . Му ветуваме дека еден ден пак ќе се вратиме !
И ќе се вратевме , да беше жив тој .
Започнува нова одисеја - првите групи луѓе за радниот Балкан ги испративме преку Естонија ....па карантин , што да ви кажувам - немам зборови за тие времиња . И нашата патувачка одисеја траеше долго, повеќе од три години : Естонија , Берлин , Ченстохова,родната Полска ....пак Берлин. Доаѓа делегација од Карнегиевата фондација , му нудат на Владо пари , големи пари, да се врати барем извесно време да ги води низ Советскиот Сојуз.
-Родниот крај и викот негов се посилни од секакви пари , титули ,
богатства.. и Владо реши - Македонија . А јас што да речам - местото на жената 'и е покрај мажот , и во добро , и во лошо...
-Како беше тоа време во Охрид ? - прашувам љубопитно.
-Ах , ах ....за Владо рај , за мене - што да ви кажам ...при пречекот се
помајтапија дека доаѓам од палата во куќа од клечки / од плацки штици /.
-И не се населивме веднаш во Охрид , ами најпрвин во Струга , а потоа држевме пракса во Албанија, па сетне во Охрид, дури дваесет иседмата .
А Струга немаше вода за пиење , освен од Дримот , маларија царуваше, цревен тифус....болести , умирачки ....
-Се зафативме најпрвин со изградба на антималарична станица , па набавивме багер /малку владата , малку татко ми Јузеф помогна со пари/ започна исушувањето на блатото , мочуриштата - леглата на комарците , па искоренување на примитивизмот , првите јавни бањи, па перални .....што да ви кажувам тоа беа години во кои преку зимата во малката Струга имаше и по 400 случаи на заболени од ендемичен тифус.
-Оттука , по направените први чекори на нашата пионерска работа, тргнавме за Албанија.
Јас бев живо чудо . Кој видел дотогаш таму жена доктор . Море викнаја комисија , лекари турски , па полагав државен испит , а имав веќе специјализирано во Берлин. Животот тогаш беше ептен примитивен , без електрично осветление , без вода за пиење , по селата спиеја на слама заедно со животните..... Беда невидена.
-И така Д-р Етингер - Каваева дојде во Охрид .
-Да ...во дваесет иседмата беше !
Добро , тука не беше како во другите места - но сепак креветот беше реткост . Луѓето, вистина, беа поздрави , имаше многу зеленило , многу градини , бавчи , овошје и зеленчук секаков , па риби многу ... а имаше и опитни доктори . Знаете како ....поголемо место!. Но , за жал набрзо останав вдовица , со малечко девојче...тежок е животот и неправедлив .
(Владо Кавај, големиот хуманист и лекар, воедно автор на `Англо-арапски-персиско-тур- ски`речник и голем вљубеник во археологијата, кој често го среќавале кај куќата од Благуна од Ѓоргалета (денешниот Антички театар), немал среќа - животниот пат му бил краток. Заболува од рак на грлото и починал при самата операција во Загреб 1931 година. Таму му била и гробнината. Кога разбрал стариот Јузеф Етингер, таткото на Елена, веднаш допатувал од Полска за да ја врати дома ќерката заедно со малечката внука.
Бил богат, имал сопствена фабрика за хартија. Но, таа не сакала да ја напушти Македонија. Ќерката Рења подоцна кажуваше дека мајка и`никогаш не и' кажала зошто не си заминала во Полска, никогаш не и' ја отворила душата.)
-Едно време останав сама доктор во Охрид . Втората Светска војна беше . Другите доктори ги мобилизираа... јас сама . Сиромаштија голема . Луѓето горделиви - немаат пари, не можат да платат....не ме викаат !
Ама јас знам , и сама ако требаше и на полноќ и по три пати ноќе кај болните одев. Зедов обврска да лекувам болни , народ, а не да печалам пари....
Д-р Елена Етингер - Каваева за жал веќе ја нема меѓу нас .
Почина во 1983-та година, на 90 годишна возраст . Старата Еврејка , која цели педесет години, од својот исклучително плоден живот како лекар и хуманист , му ги подари на Охрид и неговите граѓани , тивко замина . Останаа неизбришливи спомени во нас , кои од ден во ден не' има се' помалку. Спомените бледеат .
Единствено заедничкиот гроб во кој се положени останките на Владимир и Елена Каваеви, на охридските гробишта, потсетуваат на грандиозното дело што го оставиле зад себеси.
Останува верувањето и надеж дека еден ден некоја охридска улица ќе го понесе нејзиното име.... или барем на Детскиот диспанзер , чиј основаш била токму таа,или на " Маларичната " во Охрид, која 1927 ја подигнале со нејзиниот Владо , ќе биде поставена плочка со нејзиното име , како знак на наша благодарност и сеќавање за сето она што го сторила оваа племенита жена за редица генерации .
Тоа е најмалкуто нешто со кое можеме да 'и оддадеме почит за нејзината несебичност, пожртвуваност , и племенита душа .
(објавено во Амакпрес 115)